Сре11222017

Последна промена12:04:19 AM

Back Вие сте на: Home ВО СВЕТОТ НА УСПЕШНИТЕ Во „Светот на успешните“ доктор Небојша Баткоски

ВО СВЕТОТ НА УСПЕШНИТЕ

Во „Светот на успешните“ доктор Небојша Баткоски

Сподели

Во ова издание на „Светот на успешните“ на „Охриднет“ го претставуваме доктор Небојша Баткоски.

 

„Во светот на успешните“ е катче на Охриднет резервирано за луѓето кои по многу нешта се уникатни, дисциплинирани и одговорни во својата работа, имаат визија и стратегија да творат, да прават создаваат  и да ги мотивираат другите.

 

Станува збор за катче на Охриднет посветено само за луѓето што се лидери во својата фела, кои се пожртвувани и креираат вредности, знаат успешно да водат бизнис, да пишуваат, да цртаат и музицираат, да комуницираат, едуцираат и своето знаење да го делат со другите. Тоа е место за успешните хроничари и аналитичари, спортисти, иноватори, за напредните и креативни ученици и студенти но и за совесните успешни работници.

Доктор Небојша Баткоски - млад, амбициозен  и повеќе од успешен стоматолог, односно сопственик на најсовремениот Стоматолошки центар во Охрид „д-р Баткоски“. Во познатиот градски комплекс „Света Горгија“, охриѓани добиваат врвни услуги - најсовремена стоматолошка нега, а тука е и една од најснабдените аптеки во градот, како и ординацијата по општа медицина. Најново е и издавањето на списанието „Наше Здравје“ во кое се поместени серија на важни теми од областа на здравиот живот.....

Семејството Баткоски се пример дека бракот меѓу двајца амбициозни и  неуморни професионалци може да биде совршен спој на работа и љубов. Прекрасен пар кој граби напред ... освојувајќи нови деловни успеси исполнети со семејна поддршка и љубов..... 

Охриднет: Г- дине Баткоски  за читателите на „Охриднет“ на почеток кажете ни повеќе за вашата успешна приказна, односно за Стоматолошки центар во Охрид „д-р Баткоски“?

Баткоски: Како семеен бизнис, ординацијата „д-р Баткоски“ пред повеќе децении ја започна  својата важна мисија во унапредувањето на оралното здравје на Охриѓани. Во оваа насока, пак, последните четири години беше отворена нова страница со отворањето на новите и најсофистицирани простории, со што прераснавме во врвен стоматолошки центар по примерот на останатите вакви институции во развиените европски држави. На овој начин, постепено ја заокружуваме мојата повеќегодишна идеја во еден град како Охрид, граѓаните да имаат можност да добијат комплетна стоматолошка нега. Во конкретна смисла, пак, сакам да ги истакнам сите стоматолошки услуги, почнувајќи од дијагностички аспект за што од круцијално значење се повеќето рентген апарати кои ни се на располагање, па сé до најсложените терапевтски процедури, извршувани од страна на мојот тим на реномирани доктори професионалци. Исто така, сакам да истакнам и дека технолошките дострели во стоматологијата постојано се унапредуваат, заради што, во оваа смисла, само оваа година имплементиравме значајна опрема, како на пример компјутерско земање на отисок; камера за откривање на скриени кариеси; ласер за белеење на заби и.т.н. Наспроти споменатото поврзано со работата на Стоматолошки центар во Охрид „д-р Баткоски“, сакам да истакнам дека нашата идеја да создадеме простор - Комплексот „Света Георгија“, во кој освен врвните стоматолошки услуги, нашите сограѓани, ќе имаат можност да добијат и друга здравствена грижа во голема мера се заокружи со отворањето на Аптеката „Виа Фарм“, како и со ординацијата по општа медицина.

 

Охриднет: Кои се Вашите идни планови? Каде се гледате  себеси во годините што доаѓаат?

Баткоски: Лично верувам дека една личност може да напредува толку колку што самата има замислено, односно толку колку што верува во себе и во својот тим. Плановите се безбројни. Идеите и проектите, исто така. Силно верувам во концептот кој макотрпно го градиме. Во оваа смисла, само би се осврнал на една од многуте идеи кои ги развиваме. Имено, станува збор за идејата за афирмација на Охрид како важна дентално-туристичка дестинација. Знам дека имаме врвна стоматолошка и туристичка понуда во која лежи огромен потенцијал. Изминатиот период се вложивме во поставувањето на основите на овој проект, а сега веќе, длабоко навлезени во неговата реализација, го истакнувам моето задоволство што секоја година сé повеќе странци доаѓаат во Охрид за да одмораат, но, особено да добијат врвна, европска стоматолошка нега во Стоматолошки центар во Охрид „д-р Баткоски“. Верувам дека со ваква динамика, во најскора иднина овој стоматолошки центар ќе биде едно од клучните точки на Балканот каде силно ќе пулсира духот на стоматолошкиот туризам.

 

ОхриднетКоја е тајната на успехот?

Баткоски:Независно од фактот што често пати ја слушам оваа констатација, секогаш е големо задоволството, кога одново ќе биде изречена истата. Во оваа смисла, сакам искрено да Ви се заблагодарам на Вас, но и на Вашите читатели кои ја препознаа вредноста на мојата работа. Големиот број пациенти, наши сограѓани, се најголемата потврда за патот по кој чекорам во стоматологијата и во здравството. Постојаното зголемување, пак, на нашите нови пациенти, за мене претставува најголем мотив уште посилно да се вложам во натамошен развој на стоматологијата. Исто така, тука би сакал да истакнам и дека навистина се чувствувам крајно привилегиран што моето секојдневие претставува еден убав спој на работата, на семејство и на пријателите. Таквиот спој на целосна исполнетост на мојот работен и приватен живот, веројатно е клучната причина која сите нас нé движи напред низ животот.

 

Охриднет: Вашата сопруга, Марица Угриновска - Баткоска  е фармацевт и е дел од менаџерскиот тим на вашите аптеки „Виа Фарм“. Колку е важна поддршката и помошта од партнерот во доброто менаџирање и во успехот во бизнисот?

Баткоски: Мојата сопруга е мојот животен сопатник и мојот најголем партнер, советник и соработник во работата. Заедно дискутираме, се консултираме и си помагаме за сите аспекти од оваа благородна стоматолошко-фармацевска приказна која заеднички успешно ја водиме како семејство. Нејзиното менаџерско, но и професионално искуство во фармацијата е од огромна важност за мене. Исто така, и моето наталожено знаење, знам дека е од голема помош за неа. Впрочем, нашата семејна заедница, верувам дека е одличен пример на силна испреплетеност на професионалното и на приватното во која меѓусебното почитување и љубов, изродуваат квалитет кој е препознатлив, не само во Охрид, туку и во поширокиот регион, но и во државата. Во таа смисла, би сакал да изразам искрена благодарност до мојата сопруга за целата помош и поткрепа која ми ја дава низ годините до денес во работата, но и да ја истакнам нејзината клучна улога во нашето семејство и во воспитувањето на нашите деца, Јана и Јован.

 

Охриднет:  Од каде ја  црпите Вашата енергија? Секојдневно после завршувањето на работните обврски му се посветувате ли на семејството во мирното Вевчани?

Баткоски:Имам чувство дека енергијата се удвојува со повеќе активност, а и по природа сум ентузијаст и ми треба само мала причина за да продолжам напред. Сепак, секоја личност доаѓа до работ кога навистина е потребен одмор. Вевчани е центарот од каде произлегуваат моите најголеми идеи, но, исто така, тоа е местото, кога во топлината на нашиот дом, црпам енергија за следните животни предизвици. Со Марица, сосема свесно одлучивме да живееме во преубавото Вевчани. Мирот со кој плени таа средина секојдневно привлекува огромен број на посетители. Ние, пак, кои живееме во него, сме благословени што сме опкружени со преубава природа, прекрасни луѓе и одлична животна енергија која инспирира.

На самиот крај, сакам да Ви се заблагодарам за приликата која ми ја дадовте. Искрено ве поздравувам Вас и Вашите читатели. Се надевам дека довербата која ја имаме како личности и како професионалци, и во иднина ќе ја оправдуваме и ќе ја надградуваме.

 

  • Granit

ФОТО

 

ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ НА FACEBOOK